



Ние постоиме за да го поттикнеме развојот на музичката култура на учениците и создаваме музички уметници кои ја развиваат културата во државата.
По ослободувањето во 1945 година и признавањето на македонската државност, за првпат во историјата Македонците можеле слободно да го употребуваат и слават својот јазик. Во тој период, покрај активните хорови и богатото фолклорно творештво, велешката чалгија имала особено значајна улога. Токму овие културни текови ја поттикнале идејата токму во Велес – тогашен центар на македонската култура – да се оформи првото Основно музичко училиште во Република Македонија.
По подолги подготовки, на 21 ноември 1946 година е донесен акт за основање нижа музичка школа, прво училиште од ваков тип во државата. Музичкото училиште, кое првично функционирало под името „Киро Димов“, започнало со работа уште во ноември 1945 година, а официјално било верификувано на 21 ноември 1946 година.
Со одлука на Советот на Општина Велес од мај 2010 година, училиштето од „Киро Димов“ е преименувано во ООМУ „Стефан Гајдов“, во чест на композиторот, диригент и педагог Стефан Гајдов (1905–1992), едно од клучните имиња во првата генерација македонски музички дејци.
Првичната локација на училиштето била во куќата на Цвета Речкова над Стариот мост, каде и денес стои спомен-плоча што го обележува почетокот на музичкото образование во Велес и Македонија. Подоцна, според сведоштва на ученици, меѓу кои и виолинистот Кире Вангелов, училиштето било преместено во куќа крај Вардар, во близина на денешната зграда на Повардарската епархија, а потоа во објект во строгиот центар на градот.
Сегашната зграда на училиштето е изградена во 1936 година, а во 1972 е адаптирана за музичко образование. Објектот е масивна градба со приземје и два ката, со површина од 460 м² и двор од 374 м², односно вкупно 834 м². Во неа се сместени единаесет кабинети, три канцеларии, работилница и санитарии.
Еден од иницијаторите, Кочо Данов, во своите записи „Ќе направиме чколо“ (публикација „Еден век музички живот“) дава живописно сведоштво за почетоците на училиштето. Според него, Велес отсекогаш бил град во кој музичката традиција длабоко се негува. Токму затоа, тројцата иницијатори – Стојан Алчев, Петре Поповски и Кочо Данов – на 31 октомври 1945 година упатиле писмо до Градскиот народен одбор со предлог да се формира музичко училиште.
Интересот кај децата бил голем уште во првите месеци по ослободувањето. Алчев, тогаш професор по музика, започнал да држи часови по пијано во својот дом, но поради технички проблеми и недостиг на инструменти, се обратил до Управата на народните имоти. Данов, воодушевен од идејата, му понудил четири пијана и други инструменти сместени во магацинот, на што Алчев радосно изјавил: „Чколо! Па тогаш ќе направиме чколо!“.
Во работата брзо се вклучиле и други музичари, меѓу кои Неда Ѓорѓевиќ, поранешен професор во музичкото училиште „Мокрањац“ во Белград. Со поддршка од локалната власт, во декември 1945 година била обезбедена куќа над Стариот мост, каде што биле сместени инструментите и административните простории. На 15 јануари 1946 година училиштето започнало со редовна настава.
Данов подоцна забележува дека, додека студирал во Белград, во октомври 1946 година добил телеграма од Алчев со радосна вест: со акт бр. 6027 од 21 ноември 1946 година Министерството за просвета го потврдило статусот на велешкото Основно музичко училиште како редовно училиште.
Во ООМУ „Стефан Гајдов“ се образувале повеќе од 4.000 ученици од Велес и поширокиот регион. Многумина од нив станале истакнати музичари – диригенти, солисти, професори и инструменталисти – кои ја збогатиле музичката сцена во Македонија, но и во Белград, Загреб, Љубљана, Австрија, Германија, Шпанија, Шведска, САД и други земји.



















